4,4K Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber Аблација на ретина (одлепување на мрежницата) претставува сериозна офталмолошка состојба која, доколку не се препознае и лекува навремено, може да доведе до трајно и значително оштетување на видот. Иако често не е придружена со болка и може да започне со благи симптоми, аблација на ретина секогаш претставува итна медицинска состојба која бара брза и соодветна реакција.Мрежницата (ретина) претставува тенок, но функционално исклучително значаен слој на задниот дел од окото, задолжен за примање на светлината и нејзино претвaрање во нервни сигнали што мозокот ги интерпретира како визуелна слика.За нормално функционирање, ретината мора да биде цврсто прилепена до пигментниот ретинален епител (RPE) и хориокапиларниот слој, од кои ја добива својата основна исхрана и кислород. Аблација на ретина претставува физичко одвојување на невросензорната ретина од ретиналниот пигментен епител, најчесто како последица на пукнатина преку која течност навлегува под ретината, што доведува до нејзино постепено одлепување. Нарушувањето на нормалниот контакт меѓу ретината и ретиналниот пигментен епител резултира со брз метаболички стрес и оштетување на фоторецепторите, што може да доведе до трајно намалување на видот доколку не се лекува навреме.Ризикот за појава на аблација на ретина е зголемен кај лица со висока кратковидост (миопија), пациенти по операција на катаракта, лица со претходна траума на окото, како и кај пациенти со дијабетес и напреднати ретинални промени. Доколку еднаш се појави на едното око, постои зголемен ризик за појава и на другото, поради што редовните офталмолошки контроли имаат особено значење.Симптомите на аблација на ретина вообичаено се јавуваат ненадејно и вклучуваат појава на светкања или „молњи“ – блицеви во видното поле, нагло зголемување на бројот на лебдечки точки, како и појава на темна сенка или „завеса“ која постепено покрива дел од видното поле. Иако овие симптоми не се болни, тие претставуваат сериозен аларм и не смеат да се игнорираат.Дијагнозата се поставува со детален офталмолошки преглед на очното дно по ширење на зеницата (директна и индиректна офталмоскопија), а по потреба се користат и дополнителни дијагностички методи како ултразвучен преглед или оптичка кохерентна томографија. Навременото поставување на дијагнозата е клучно, бидејќи времето игра пресудна улога во зачувувањето на виталноста и функцијата на ретиналните клетки.Третманот на аблација на ретина зависи од типот и обемот на одвојувањето, како и од зафатеноста на макулата. Кај одредени рани и стабилни форми може да се применат помалку инвазивни методи, како ласерска фотокоагулација или криотерапија. Кај понапреднатите случаи неопходен е хируршки третман, најчесто во форма на парс плана витректомија (PPV), која денес се изведува со современи микроинвазивни техники со мал калибар (23 или 25 gauge). Целта на парс плана витректомијата е отстранување на стаклестото тело и елиминација на витреоретиналните тракции, идентификација на ретиналните пукнатини, нивен ласерски третман со ендоласер и примена на внатрешна тампонада со гас или силиконско масло со цел стабилно прилепување и анатомска стабилизација на ретината.Иако современата витреоретинална хирургија овозможува висок процент на анатомски успех, визуелното подобрување по операцијата е постепено и зависи од повеќе фактори, особено од зафатеноста на макулата и времетраењето на одлепувањето пред третманот.Постоперативниот период претставува важен дел од целокупниот третман и има значајна улога во конечниот функционален исход. Аблација на ретина не завршува со самата операција, туку бара редовно следење и долгорочна грижа, бидејќи навременото препознавање на нови промени може да спречи сериозни последици.Навремената дијагноза, современиот терапевтски пристап и редовното следење се клучни за зачувување на видот и квалитетот на животот.Информациите на веб страницата имаат само информативен карактер и не можат да се сметаат како медицински совет. Прим. Д-р Газменд МехметиСпецијалист офталмолог; ЈЗУ Универзитетска клиника за очни болести – Скопје Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber Ablacija Retina Аблација Ретина 1 FacebookTwitterPinterestEmail Претходна статија 18F-FDG ПЕТ/КТ – врвна метода во менаџирањето на лимфомите Можеби ќе ви се допадне Bookmark Оклузија на ретинална вена – тивка васкуларна закана... февруари 4, 2026 Bookmark ГЛАУКОМ – Водечка причина за неповратно губење на... јануари 12, 2026 Bookmark PUPILOPLASTIKA мај 8, 2022