2,6K Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber Мигрената претставува хронично невролошко нарушување кое се манифестира со повторливи напади на главоболка и придружни симптоми. Иако често се перципира како „обична главоболка“, мигрената е значително покомплексна состојба, со јасна биолошка и неврофизиолошка основа. Таа спаѓа во групата на примарни главоболки, што значи дека не е последица на друго заболување или структурна лезија во мозокот.Состојбата е многу честа и зафаќа значителен дел од популацијата, најчесто лица во активна животна доба. Почеста е кај жените, но се јавува и кај мажи и деца. Поради својот хроничен тек и можноста за повторливи и тешки напади, мигрената може значително да влијае врз квалитетот на живот, работната способност и секојдневното функционирање.Клиничка слика и симптомиНајкарактеристичен симптом на мигрената е умерена до силна главоболка, која најчесто има пулсирачки карактер и често е локализирана на една страна од главата, иако може да биде и билатерална. Болката обично се влошува при физичка активност и е придружена со гадење, понекогаш и повраќање, како и изразена осетливост на светлина, звук и мириси. Важно е да се нагласи дека мигрената не се сведува само на болка. Кај многу пациенти нападот е придружен со замор, нарушена концентрација, раздразливост и општо чувство на намалена психофизичка енергија. Поради тоа, мигрената често го оневозможува лицето во текот на нападот и наметнува потреба од одмор во тивка и затемнета средина.Презентацијата на мигрената може да варира во зависност од возраста и полот. Кај жените, нападите често се поврзани со хормоналните промени во текот на менструалниот циклус. Кај децата, мигрената може да има поинаква презентација, со пократки напади и понекогаш со доминантни гастроинтестинални симптоми, како болка во стомакот или гадење. Фази на мигренозниот нападМигрената често се одвива во фази, иако не секој пациент ги доживува сите. Кај дел од лицата, часови или денови пред појавата на главоболката може да се јават неспецифични симптоми како промени во расположението, замор или потешкотии со концентрацијата. Кај околу една третина од пациентите се јавува т.н. аура – привремени невролошки симптоми кои најчесто се од визуелен карактер, но може да вклучуваат и сензорни или говорни нарушувања. Аурата е реверзибилна и обично трае кратко време.По завршувањето на болната фаза, кај многу пациенти следи период на исцрпеност и намалена ментална јасност, што дополнително ја нагласува комплексната природа на ова нарушување.Причини и механизмиСовремените истражувања покажуваат дека мигрената е резултат на нарушена регулација во нервниот систем, при што мозокот кај овие лица е посензитивен на одредени внатрешни и надворешни стимули. Се смета дека постои силна генетска предиспозиција, а кај лицата со мигрена одредени мозочни структури и нервни патишта реагираат поинаку во споредба со лицата без мигрена.Мигренозниот напад може да биде поттикнат од различни фактори, како нарушувања на спиењето, прескокнување оброци, психофизички стрес, хормонални промени или сензорни стимули. Овие фактори не се директна причина за мигрената, туку делуваат како „тригери“ кај лица кои веќе имаат подложност кон ова нарушување. Многу е значајно неврологот кој го води пациентот, а многу почесто и самите пациенти да ги детектираат овие тригер-фактори и доколку е можно истите да се избегнуваат. Дополнително се советува пациентот да води и дневник на главоболки. Иако не е животозагрозувачка состојба, мигрената е една од водечките причини за намалена функционалност и отсуство од работа или училиште. Честите напади можат да доведат до значително психосоцијално оптоварување и чувство на несигурност поради непредвидливоста на болеста.Мигрената претставува хронично и комплексно невролошко нарушување, кое далеку ја надминува рамката на обична главоболка. Таа има јасна биолошка основа и разновидна клиничка слика, а нејзиното препознавање и правилно разбирање се клучни за соодветен пристап и подобрување на квалитетот на живот на засегнатите лица. Д-р Филип ДимовскиСпецијализант по неврологија, ЈЗУ Општа болница Охрид Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber migrena 0 FacebookTwitterPinterestEmail Претходна статија Гонартроза (остеоартритис на коленото) next post Што претставува рак на грлото на матката? Можеби ќе ви се допадне Bookmark Чувари на мозокот – водич за аневризми и... декември 28, 2025 Bookmark Фамилијарна амилоидна полиневропатија (ФАП) ноември 13, 2025 Bookmark МИЈАСТЕНИЈА ГРАВИС декември 19, 2022 Bookmark СИНДРОМA GUILLAIN-BARRÉ декември 11, 2022 Bookmark ЕПИЛЕПСИЈА декември 7, 2022 Bookmark ШТО САКАМ ДА ЗНАМ ЗА: МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА И... декември 6, 2022 Bookmark PARKINSONOVA BOLEST мај 8, 2022