1,4K Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber Витилиго е најчестото пореметување на пигментацијата, кое се карактеризира со прогресивно губење на меланоцитите, што доведува до добро ограничени депигментирани, бели дамки на кожата. Од витилиго страдаат приближно 0.5–2% од светската популација, без јасна предилекција кон пол или етничка припадност, иако некои студии укажуваат на блага женска доминација. Историски, витилигото е опишано уште во античките цивилизации, со записи во египетски, грчки и индиски текстови. Во раната историја, ова заболување често било погрешно толкувано како знак на божја казна или како заразна состојба, што доведувало до изолација и стигматизација на засегнатите лица.Современата медицина го класифицира витилигото како автоимуно заболување со сложена етиологија и патогенеза. Денес е прифатено дека генетската предиспозиција во комбинација со фактори од животната средина (УВ зрачење, експозиција на хемикалии, термални и емоционални трауми и др.), доведува до оксидативен стрес на меланоцитите и активација на нарушен имунолошки одговор.Витилигото често се јавува заедно со други автоимуни заболувања, особено автоимуна тироидна болест (Хашимото тиреоидитис), алопеција ареата, пернициозна анемија и тип 1 дијабетес. Оваа придружност дополнително го поддржува автоимунолошкото потекло на болеста.Клинички, витилигото се манифестира со депигментирани, млечно-бели дамки на кожата, кои се добро ограничени и најчесто асимптоматски – односно не болат и не чешаат. Дамките можат постепено да се шират, да се појавуваат нови, или да останат стабилни подолг период. Најчесто се зафатени лицето, рацете, стапалата, гениталиите и областите околу природните телесни отвори, но може да биде зафатена и секоја регија на кожата. Кај дел од пациентите се јавува и побелување на косата на зафатените региони (полииоза). Третманот на витилиго претставува голем предизвик. Тој опфаќа локални и системски имуносупресиви, фототерапија, хируршки техники, како и други терапевтски пристапи, вклучувајќи традиционална медицина, камуфлажа, депигментација и психолошки интервенции. Сепак, витилигото има долг третмански циклус, а сите постојни третмани обезбедуваат само краткорочни придобивки, при што рецидивите се чести по прекинување на терапијата. Во последниве години активно се развиваат таргетирани терапии, како што се JAK-инхибиторите, кои даваат ветувачки резултати од досегашните клинички искуства. Витилигото не е опасно по живот и не е заразно, но може да има значаен емотивен и психолошки ефект врз пациентите. Затоа е важно околината правилно да го разбере ова заболување и да обезбеди поддршка и разбирање. Пациентите со витилиго имаат потреба од соодветна едукација, емпатија и индивидуално прилагоден избор на терапија од својот лекар. Ас. д-р Маја ДимоваСпецијалист дерматовенеролог ЈЗУ УК за дерматовенерологија Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber витилиго vitiligo kozha koza derma dermatologija 0 FacebookTwitterPinterestEmail Претходна статија Вообичаени причини за болки во стапалата next post Дислексија Можеби ќе ви се допадне Bookmark Базоцелуларен карцином јануари 19, 2026 Bookmark Нега на кожата за заштита од загадувањето на... декември 1, 2025 Bookmark Розацеа ноември 30, 2025 Bookmark Алопеција ареата ноември 26, 2025 Bookmark Вообичаени причини за болки во стапалата ноември 20, 2025 Bookmark Декубитус ноември 19, 2025 Bookmark БАЗОЦЕЛУЛАРЕН КАРЦИНОМ декември 22, 2022 Bookmark ПРОШИРЕНИ (ВАРИКОЗНИ) ВЕНИ декември 19, 2022 Bookmark ПСОРИЈАЗА (Psoriasis Vulgaris) декември 19, 2022 Bookmark ХУМАН ПАПИЛОМА ВИРУС, (HPV) ИНФЕКЦИЈА мај 8, 2022