БЕЛЕЊЕ НА ЗАБИ

д-р Тијана Бојчевска, Доктор по дентална медицина

Бојата на забите е определена од бојата на емајлот и дентинот на забот. Емајлот и дентинот се пропустливи и врз бојата на забот може да делуваат и надворешни фактори како пушење, пиење кафе, чај, темно вино и други супстанци кои може да создаваат дисколорации на забите.

Постојат две основни методи за белење на забитe: професионално белење на заби во стоматолошка ординација и домашно белење на заби, препорачано од стоматолог.

Пред постапката на белеење на забите се отстрануваат наслагите, пигментите и забниот камен на сите забни површини.

Професионалното белење претставува безболна и безбедна метода која се извршува во стоматолошка ординација . Започнува со поставување на заштитна бариера и изолирање на усните, образите и гингивата. Се аплицира гел на забните површини кои ги белееме (водороден пероксид во различна концентрација). Гелот треба да има допир само со забните површини. Со специјална УВ ламба се активира гелот. По два до три циклуси на менување на гелот, забите ќе бидат побели. Клиничките резултати на голем број на пациенти покажуваат дури и до 8 нијанси посветли заби.

При домашно белеење стоматологот зема отпечаток од забите и се изработува силиконски калап во кој пациентот ќе го аплицира гелот во домашни услови. Од добиените шприцови се нанесува нискоконцентрираниот пероксиден гел во силиконските калапи и се носи за време на спиење од 10 до 14 дена.

По третманот пациентот треба да се придржува на препораките од стоматологот. Треба да се избегнуваат храна и пијалоци кои можат да ги пребојат забите особено 24 часа по избелувањето на забите. За тоа време, порите на емајлот се отворени и затоа забите се поранливи на разни средства за боење.

Кај некои пациенти може да се појави чувствителност на забите за време на третманот или неколку дена по третманот. Може да се јави и непријатно чувство околу гингивата или бели дамки. Овие симптоми најчесто се минливи и исчезнуваат по неколку дена по завршување на третманот.

Не постои трајно белење на забите. За да се одржува белата нијанса на забите потребно е да се повторува третманот на 2-3 месеци при домашно белење и еднаш годишно професионално белење.

Share
Tweet
Linkedin
Comments

What do you think?