3,2K Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber Оклузијата на ретиналната вена (Retinal Vein Occlusion – RVO) е една од најчестите васкуларни заболувања на окото и значајна причина за ненадејно губење или постепено намалување на видот, особено кај лица во средна и повозрасна доба. Иако на прв поглед може да звучи застрашувачки, денешната офталмологија располага со современи дијагностички методи и ефикасен третман кои во многу случаи, зависно од видот на оклузијата, овозможуваат зачувување на видот – особено доколку состојбата се открие навреме.Што значи оваа состојба?Мрежницата (ретина) е тенок, но исклучително важен слој на задниот сегмент на окото, одговорен за претворање на светлинските импулси во сигнали кои мозокот ги интерпретира како слика која ја гледаме. За нормална функција, таа мора постојано да биде снабдена со кислород и хранливи материи, како и да има непречен одлив на венската крв.Оклузијата на ретиналната вена настанува кога венскиот одлив е попречен – најчесто поради формирање на тромб (згрутчување на крвта). Како резултат на тоа, доаѓа до зголемен притисок во крвните садови, истекување на крв и течност во ткивото на мрежницата со формирање на околни крварења во неа. Клинички, ова може да се манифестира со заматен вид, појава на темни дамки или, во потешки случаи, со нагло губење на видот најчесто на едното око.RVO е втора најчеста васкуларна болест на мрежницата, веднаш по дијабетичната ретинопатија.Видови на оклузија на ретинална венаСе разликуваат две основни форми:Оклузија на централната ретинална вена (CRVO) – кога е зафатена главната вена што ја дренира крвта од целата мрежница.Кај оклузијата на централната ретинална вена, клинички и прогностички се разликуваат две форми: неисхемична и исхемична, кои имаат различен тек, ризик од компликации и одговор на терапија.Оклузија на гранка на ретинална вена (BRVO) –претставува оклузија на една од венските гранки (најчесто темпорална горна или темпорална долна) и оваа форма е значително почеста.Кај гранковата оклузија, причината најчесто е на местата каде што артерија и вената се вкрстуваат и делат заедничка обвивка. Задебелената и ригидна артерија како последица на артериосклероза може да ја притисне вената, да го забави протокот на крв и да создаде услови за тромбоза. Најчесто е зафатен горниот надворешен дел од мрежницата.Колку е честа оваа состојба?Се проценува дека повеќе од 16 милиони луѓе во светот имаат некоја форма на оклузија на ретинална вена. Ризикот расте со возраста, особено по 50-тата година. Доколку еднаш се појави на едното око, постои зголемена веројатност (околу 7–10%) да се развие и на другото око.Зошто доаѓа до оклузија и тромбоза во окото?Оклузијата на ретиналната вена најчесто е резултат на комбинација од локални и системски фактори. Во медицината, овој процес се објаснува преку Вирховата тријада, која вклучува:нарушен проток на крв,оштетување на ѕидот на крвниот сад,зголемена склоност на крвта кон згрутчување.Важно е да се нагласи дека тромбозата во окото често не е изолиран проблем. Таа може да биде прв знак на постоечко, но недијагностицирано системско заболување. Кај некои пациенти, окуларната тромбоза се јавува по претходни „тивки“ настани како длабока венска тромбоза, прележан срцев инфаркт без изразени симптоми или микроемболии во белите дробови кои се манифестирале само со лесно отежнато дишење или вртоглавица.Фактори на ризикРизикот за појава на RVO е поголем кај лица со:висок крвен притисок,покачени маснотии во крвта,глауком или зголемен очен притисок,прекумерна телесна тежина,пушење и седентарен начин на живот,нарушувања на коагулацијата.Причините може да бидат наследни (генетски мутации како Factor V Leiden, протромбинска мутација, MTHFR) или стекнати, како дијабетес, артериосклероза, во некои случаи при бременост, малигни заболувања, хроничен стрес или одреден временски период по поголеми хируршки интервенции.Иако порано се сметаше дека тромбозата е проблем исклучиво на повозрасните, денес е јасно дека може да се појави и кај помлади лица.Симптоми и клиничка сликаСимптомите најчесто се еднострани и вклучуваат:ненадејно или постепено (во текот на неколку часа или денови) намалување на видот,појава на црни или темни дамки во видното поле,„лебдечки“ сенки пред окото,многу ретко, чувство на притисок или нелагодностЗа разлика од кај артериските оклузии каде губитокот на видот е нагло, драматично и иреверзибилно, кај венските оклузии на ретината е во корелација со видот, формата и зафатеноста на ретиналното ткаење.Како се поставува дијагнозата?Дијагнозата се поставува со детален офталмолошки преглед на очното дно на широка зеница, а се потврдува со современи дијагностички методи како:OCT (оптичка кохерентна томографија) на задниот сегмент на окото за промени во макуларната регија и проценка на макуларниот едем,ОCT-A (оптичка кохерентна томографија ангиографија) за детален приказ на хориоретиналната микроциркулација во макуларната регија,флуоресцеинска ангиографија за анализа на протокот на крв во мрежницата.Често е неопходна соработка со интернист за проценка на општата здравствена состојба со цел утврдување на етиологијата на заболувањето.Третман и значење на навремената терапијаОклузијата на ретиналната вена претставува состојба која бара брза реакција и третман. Терапијата е насочена кон подобрување и зачувување на видот и спречување на компликациите.Анти-VEGF терапија – златен стандард во лекувањетоПрва линија во третман на макуларниот едем, резултат на ретиналната венска оклузија е примената на препаратите инхибитори на ангиогенеза.Клучната компликација кај RVO е макуларниот едем, кој настанува како резултат на зголемена продукција на VEGF (vascular endothelial growth factor) – молекула што се ослободува при исхемија и доведува до зголемена пропустливост на крвните садови и неоваскуларизација. Анти-VEGF лековите делуваат така што:го блокираат дејството на VEGF,го намалуваат едемот на макулата,ја стабилизираат ретиналната васкулатура,значително го подобруваат или одржуваат видот.Бројни клинички студии покажаа дека рано започната анти-VEGF терапија води до значително подобри визуелни резултати во споредба со одложен или неадекватен третман.Терапијата се аплицира во форма на интравитреални инјекции, обично во серија од повеќе апликации, со индивидуално прилагоден режим и редовно следење на пациентот.Други терапевтски пристапиЛасерска фотокоагулација на ретина – денес се применува како дополнителен, а не како примарен третман; се користи кај селектирани случаи, особено при неоваскуларни компликацииСистемска терапија – антикоагулантна или антиагрегациона терапија кај одредени пациенти како адјувантна терапијаКонтрола на ризик-факторите – регулирање на крвен притисок, шеќер, липиди и телесна тежинаОчите не се само сетилен орган за вид – тие често се „огледало“ на општото здравје. Рутинскиот очен преглед може да открие сериозни системски заболувања уште во рана фаза, а навремениот и соодветен третман зачувување и подобрување на видот. Затоа, грижата за видот значи и грижа за целокупното здравје.Редовните офталмолошки контроли, особено по 50-тата година, здравиот начин на живот и почитувањето на советите од вашиот лекар се клучни чекори во превенцијата и навременото лекување на оваа сериозна, но контролирана состојба.Информациите на веб страницата имаат само информативен карактер и не можат да се сметаат како медицински совет. Доц. Д-р Наташа ШекериновСпецијалист офталмолог, ЈЗУ УК за очни болести – Скопје Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber Retinal Vein Occlusion Оклузија на ретинална вена 0 FacebookTwitterPinterestEmail Претходна статија Хоџкинов лимфом next post Улогата на ехокардиографијата кај некардиолошки заболувања Можеби ќе ви се допадне Bookmark ГЛАУКОМ – Водечка причина за неповратно губење на... јануари 12, 2026 Bookmark PUPILOPLASTIKA мај 8, 2022