Железо-дефицитната анемија претставува една од најчестите анемии која е резултат на дефицит на железо и може да се јави кај сите возрасни групи во сите делови на светот.
Етиологија
Најчести причини за железо-дефицитната анемија се недоволно внесување на железо преку исхраната, намалена апсорпција на железо (кај состојби како што се ахролидија, целијакија, оперативни зафати како што се гастректомија и гастроенетростомија), зголемен губиток на железо (кое може да се јави преку гастроинтестиналниот тракт, урогениталниот, респираторниот систем) или зголемени потреби за железо (во тек на бременост, доење, кај доенчиња и деца). Најчеста причина за железо-дефицитната анемија е најчесто скриена “окултна“ крвозагуба од гастроеинтестиналниот тракт, а кај жените во репродуктивниот период обилни крварења како мено или метрорагии.
Клиничка слика
Кај пациентите со железо-дефицитната анемија во клиничката слика се препознаваат симптоми и знаци на заболувањето кое ја предизвикало железо-дефицитната анемија. Присутни се слабост, малаксалост, срцебиење, главоболка, диспнеа при напор, односно симптоми на анемичен синдром. Кај пациентите со железо-дефицитната анемија се присутни и симптоми од пореметување на функцијата на поедини ткива и органи како резултат на дефицит на одредени ензими во клетките кои содржат железо, поради што се препознаваат промени на јазикот – атрофичен глоситис при што јазикот е црвен, мазен, чувствителен на допир со храна, ангуларен стоматитис (во народот попознато како раслојување на ивиците од усните или жвали) најчесто манифестирани како напукнување на слузницата на усните и околната кожа на аглите од устата, дисфагија манифестирана со отежнато голтање на цврста храна, коилонихија-губиток на конкавноста на ноктите кои добиваат чунест изглед.
Дијагноза
Пациентите со железо-дефицитната анемија имаат намалени вредности на хемоглобин, намалени вредности на MCV (среден корпускуларен волумен) и намалени вредности на MCHC (содржина на хемоглобин во еритроцитите), намалени вредности на серумското железо со намалено заситување на трансферинот и намалени вредности на феритин.
Третман
Лекувањето на железо-дефицитната анемија започнува со ординирање на препарати на железо. Но многу е значајно да се спроведат сите потребни иследувања и да се утврди етиолошката причина поради која се јавила железо-дефицитната анемија. Железото може да се дава орално и парентерално. Се препорачува терапијата да се спроведе со перорални препарати на железо. Железото најдобро се ресорбира доколку се земе 2 часа пред оброк заедно со витамин Ц, кој овозможува негова стабилизација во редуктивен феро облик со што ја олеснува апсорпцијата. Парентералнтералниот облик на давање на железо не значи и побрз тераписки одговор и поради тоа се применува кај јасно дефинирани состојби како што се заболувања кои доведуваат до лоша апсорпција на железото (целијакија, улцерозен колитис, спру).