д-р Маја Димова,
Спец. Дерматовенеролог
ЈЗУ УК за Дерматовенерологија

Псоријаза потекнувa од грчкиот “ψωρίασις”, што значи „состојба на чешање“.

Псоријаза е хронична инфламаторна дерматоза, која се карактеризира со јасно ограничени лосос-црвени плаки, покриени со сребрено-бели луспи, главно локализирани на косматиот дел на скалпот, екстензорните делови на екстремитетите, особено на лактите и колената и во сакралната регија, иако секој дел од кожата може да биде афектиран. Освен кожата, може да бидат зафатени и ноктите зглобовите.

Околу 1-3% од светската популација боледува од псоријаза, нема разлика во инциденцата на псоријаза меѓу половите, а болеста може да се појави во било која возраст, иако пикот на појава е меѓу 15-25 години и меѓу 50-60 години. Болеста е доживотна, со флуктуации во екстензитетот и тежината.

Етиологијата и патогенезата се недоволно разјаснети. Се смета дека клинички изразена псоријаза е интерплеј меѓу генетски, фактори од околината и имунолошки фактори. Бројни се факторите кои го доведуваат пациентот од клинички латентна до клинички манифестна псоријаза. Тука главно спаѓаат егзогени фактори како физикални (повреди, операции, убоди, УВ-зрачење и други), хемиски и воспалителни причинители, а уште повеќе ендогени, меѓу кои инфекции, посебно стрептококните горно респираторни инфекции и вирусните. Останати фактори кои може да ја агравираат псоријазата се одредени лекови (бета блокатори, антималарици, литиум, прекин на системски кортикостероиди), животни навики (никотин, алкохол, обезитас), емоционални стресови, климатски фактори и хипокалцемија од различно потекло.

Клиничка слика

Класичната псоријатична плака, попозната како еритемо-сквамозна плака, се формира со центрифугално ширење на еритемо-сквамозна папула.

Зависно големината, формата и дистрибуцијата има повеќе форми на вулгарна псоријаза, како што се: фоликуларна, гутатна, нумуларна, ануларна, географска, инверзна, палмо-плантарна, унгвална и псоријаза на скалпот.

Кај мал број пациенти се развиваат тешки облици на псоријаза, како пустулозна и еритродермична псоријаза, кои може да бидат и животозагрозувачки и бараат итно болничко лекување. Пустулозна псоријаза се карактеризира со лоша општа состојба, покачена телесна температура и појава на пустули по целото тело. Еритродермична псоријаза подразбира појава на генерализирано црвенило и ситно лупење на кожата на целото тело, пратени со силен јадеж и реактивна лимфаденопатија. Kaj 5-10% од пациентите со псоријаза се јавува псоријатичен артритис.

Дијагноза

Дијагнозата најчесто се поставува клинички, а се потврдува со хистопатолошка анализа.

Терапија

Терапија на псоријаза е комплексен процес и вклучува локална, системска и фототерапија, кои може да се комбинираат во разни тераписки режими со цел обезбедување на подолга ремисија на болеста. Изборот на адекватниот третман зависи од тежината на болеста и квалитетот на живот на пациентот. За оваа цел се косристат етаблирани системи за проценка на тежината на болеста, како што се BSA (’body surface area), PASI (Psoriasis Activity and Severity index) и DLQI (Dermatology Life Quality Index). При проценка на тежината на болеста треба да се земат предвид и неколку индивидуални параметри, како што се зафатените области со псоријаза (видливи површини на кожата, генитален регион), чешање, одговор на третманот и оптоварување на болеста.

Во локалната терапија, кератолитиците најчесто се користат за отстранување на лушпите, и тоа најчесто салицилната киселина, а потоа и локални антиинфламаторни лекови како што се локални кортикостероиди, аналози на витамин Д и локални ретиноиди. Исто така, важно е да се нагласи редовната употреба на неутрални препарати (омекнувачки), особено оние што содржат уреа, за одржување на добра состојба на кожата.

Кај мал број пациенти одговорот од оваа терапија е незадоволителен, и кај нив се преминува на фототерапија од вештачки извори (УВА и УВБ).

За исклучително тешките или резистентни форми на псоријаза е резервирана конвенционалната системската терапија со Methotrexat, Cyclosporin A, ретиноиди и во поново време биолошката терапија.

Share
Tweet
Linkedin
Comments

What do you think?