Асс. д-р Јулија Митрова Телент,
Спец. Дерматовенеролог
ЈЗУ УК за Дерматовенерологија

Варикозните вени или проширени вени се  видливи проширувања на површината на кожата, понекогаш извртени налик на змија, по боја зелени, сини или виолетови кои најчесто се локализирани  на долните екстремитети. Варикозните вени се нарекуваат и варикси или варикозитети. Приближно една третина од мажите и жените на возраст од 18-64 години имаат проширени вени. Почести се кај жените и кај оние со семејна историја на венска болест.

Етиологија

Фактори на ризик за проширени вени вклучуваат: дебелина –  го зголемува венскиот рефлукс и венскиот притисок како резултат на зголемен интра-абдоминален притисок; возраст — проширените вени стануваат сè почести со возраста; бременост — зголемената матка предизвикува зголемен интраабдоминален притисок и директен притисок врз илијачните вени; хормоналните промени, исто така, предизвикуваат валвулите и садовите да станат послаби за време на бременоста; продолжено стоење – одржливиот притисок со текот на времето може да предизвика венска дилатација и ослабување  на валвулите; семејна историја – примарната валвуларна инсуфициенција е наследна.

Клиничка слика

Пациентите со проширени вени се жалат на чувство на непријатност, тежина, отоци,чешање или болка посебно изразена во ноќните часови кога заспиваат. Може да се појават и компликации од проширените вени како што се крварење, улцерации(рани) и  тромбофлебитис (воспаление на вените). Флебитис е воспаление на вената со црвенило и болно стврднување. Може да биде површен (т.е. површен тромбофлебитис) или длабок (т.е. длабока венска тромбоза). Појава на дерматитис(воспаление на кожата ) каде постои венска стаза е поврзан со зголемен венски притисок и проинфламаторни молекули. Пациентите имаат кафеава пребоеност на кожата, сувост и чешање посебно изразени  на долната третина од потколениците. Липодерматосклерозата како последица на покачениот венски притисок и воспалителен одговор на кожата се јавува како црвенило, задебелување на кожата.

Дијагноза

Варикозните вени се дијагностицираат со физички преглед кој треба да го опфати целиот венски систем и обично се спроведува со лежење и стоење на пациентот.Од клинички процедури кои се потребни за дијагностика тоа е доплер метода, неинвазивна процедура со помош на која се врши проценка на морфологија и функционалност на вените од површинскиот и длабокиот венски систем.

Терапија

Кај пациенти со проширени вени треба да се поттикне губење на тежината (ако има прекумерна тежина) и умерена физичка активност за да се намали ризикот од компликации. Компресивната терапија со еластични чорапи со различен степен на компресија (притисок), перорален и локален венотоник  треба да се користи задолжително, за ублажување на симптомите. Склеротерапија е метод со инјектирање на склерозантен раствор во вените за да предизвика воспаление во вените и евентуален колапс на варикозната мрежа. Останати методи за третман се хируршките методи(ендовенска термичка, адхезивна или механохемиска аблација,лигатура) и ласерски третмани. Која опција за третман и да се користи, варикозните вени може да се повторат и обично може повторно да се лекуваат.

Share
Tweet
Linkedin
Comments

What do you think?