Железо-дефицитна анемија. – Anaemia sideropoenica

Железо-дефицитната анемија претставува  една од најчестите анемии која е резултат на дефицит на железо и може да се јави кај сите возрасни групи во сите делови на светот.

Етиологија

Најчести причини за железо-дефицитната анемија се недоволно внесување на железо преку исхраната, намалена апсорпција на железо (кај состојби како што се ахролидија, целијакија, оперативни зафати како што се гастректомија и гастроенетростомија), зголемен губиток на железо (кое може да се јави преку гастроинтестиналниот тракт, урогениталниот, респираторниот систем) или зголемени потреби за железо (во тек на бременост, доење, кај доенчиња и деца). Најчеста причина за железо-дефицитната анемија е најчесто скриена “окултна“ крвозагуба од гастроеинтестиналниот тракт, а кај жените во репродуктивниот период обилни крварења како мено или метрорагии.

Клиничка слика

Кај пациентите со железо-дефицитната анемија во клиничката слика се препознаваат симптоми и знаци на заболувањето кое ја предизвикало железо-дефицитната анемија. Присутни се слабост, малаксалост, срцебиење, главоболка, диспнеа при напор, односно симптоми на анемичен синдром. Кај пациентите со железо-дефицитната анемија се присутни и симптоми од пореметување на функцијата на поедини ткива и органи како резултат на дефицит на одредени ензими во клетките кои содржат железо, поради што се препознаваат промени на јазикот – атрофичен глоситис при што јазикот е црвен, мазен, чувствителен на допир со храна, ангуларен стоматитис (во народот попознато како раслојување на ивиците од усните или жвали) најчесто манифестирани како напукнување на слузницата на усните и околната кожа на аглите од устата, дисфагија манифестирана со отежнато голтање на цврста храна, коилонихија-губиток на конкавноста на ноктите кои добиваат чунест изглед.

Дијагноза

Пациентите  со железо-дефицитната анемија имаат намалени вредности на хемоглобин, намалени вредности на MCV (среден корпускуларен волумен) и намалени вредности на MCHC (содржина на хемоглобин во еритроцитите), намалени вредности на серумското железо со намалено заситување на трансферинот  и намалени вредности на феритин.

Третман

Лекувањето на железо-дефицитната анемија започнува со ординирање на препарати на железо. Но многу е значајно да се спроведат сите потребни иследувања и да се утврди етиолошката причина поради која се јавила железо-дефицитната анемија. Железото може да се дава орално и парентерално. Се препорачува терапијата да се спроведе со перорални препарати на железо. Железото најдобро се ресорбира доколку се земе 2 часа пред оброк заедно со витамин Ц, кој овозможува негова стабилизација во редуктивен феро облик со што ја олеснува апсорпцијата. Парентералнтералниот облик на давање на железо не значи и побрз тераписки одговор и поради тоа се применува кај јасно дефинирани состојби како што се заболувања кои доведуваат до лоша апсорпција на железото (целијакија, улцерозен колитис, спру).

Share
Tweet
Linkedin
Comments

What do you think?