АКУТНИ ВИРУСНИ ХЕПАТИТИ

д-р Арлинда Лога Османи,
Спец. Инфектолог
ЈЗУ УК за инфективни болести и фебрилни состојби

Вирусните хепатити се чести заболувања кои се резултат на примарна инфекција на јетра причинета од хепатотропни вируси, именувани од А до Е. Врз основа на патогенеза и клиничкиот тек разликуваме акутни и хронични вирусни хепатити. Акутните вирусни хепатити се развиваат како резултат на примарна инфекција, додека хроничните настануваат при перзистирање на причинителот подолго од 6 месеци.

Етиологија и епидемиологија

Примарни причинители на вирусните хепатити досега познати се 5, именувани со букви : вирусен хепатитис А,Б,Ц,Д и Е. Исто така кaко причинители се познати и други вируси : Epstein Barr, Cytomegаlovirus, Coxackie, Herpes simplex и др., но кај нив хепатитот не претставува главна клиничка слика.  Хепатитис А и Е вирусот се причинители на епидемиски хепатит и се пренесуваат преку фекало-орален пат. Хепатитис Б и Ц вирусите покрај акутен хепатит развиваат и хронична форма со развој на цироза и хепатална инсуфициенција. Додека пак, хепатитис Д се појавува како коинфекција или суперинфекција на хепатитис Б. Вирусот на хепатитис Б, Ц и Д се пренесуваат преку парентерален пат (трансфузија на крв и крвни деривати, трансплантација на органи, помалку преку сексуален пат).

Клиничка слика

Акутните вирусни хепатити се презентираат со различна клиничка слика од асимптоматска до иктерична форма или фулминантен хепатитис. Клиничката слика разликува три фази:

  • предиктерична фаза (трае околу 5-7 дена) се карактеризира со појава на покачена температура, општа слабост, болки во мускули и зглобови, гадење, намален апетит, нелагодност под десен ребрен лак.
  • иктерична фаза со појава на темна мокрача (боја на пиво), пожолтување на кожата и склерите, светла столица, општа слабост. Обично трае 4-8 недели
  • рековалесцентна фаза постепено подобрување на општата состојба и повлекување на иктерусот, но заморот перзистира околу 4 недели

Дијагноза

Дијагнозата се базира врз клиничките и епидемиолошките карактеристики, но се потврдува со лабораториско-биохемиски анализи и серологија.

Основни лабораториски анализи при вирусните хепатити се  диференцијална крвна слика, одредување на билирубин во серум, аланин-аминотрансфераза(ALT), аспартат-аминотрансфераза (AST), гама-глутамил трансфераза (GGT), алкална фосфатаза (AP), протромбинско време, вкупни протеини и урина.

Потврда на причинител на вирусните хепатити се реализира со серолошки тестови (одредување на антитетела или присуство на антиген) или со молекуларни дијагностички тестови (потврдува присуство на вирус во крв).

Комплементарни иследувања како помошни методи при  диференцијална дијагностика се ултраехосонографија и фибреластографски преглед.

Терапија

Третманот на акутните инфективни вируси најчесто се состои од симптоматска и супортивна терапија, избегнување на физичка активност во иктерична фаза, внес на течности и исхрана без конзерванси богата со протеини и јагленхидрати. Специфично антивирусно лекување во моментот со ефикасност од различен степен може да се аплицира при хепатити од вирус Б и Ц.

Превенција

Општи мерки на превенција, миење раце, избегнување конзумација на контаминирана храна (хепатит А и Е), употреба на сопствен прибор за лична хигиена, презервативи при сексуални односи,  кај интравенски зависници на наркотици се препорачува користење на игли за еднократна употреба. Специфична превенција со имунизација може да се примени против хепатит А и Е кај одредени индивиди. Вакцината против хепатит Б во нашата земја како дел на редовниот календар за имунизација постои од 2006год. Постекспозициска профилакса при ризик на инфекција на вирусот на  хепатит Б се постигнува со примена на хумани  имуноглобулини и вакцина која се аплицира во рок од две недели после ризичниот настан.

Share
Tweet
Linkedin
Comments

What do you think?