ПАРОДОНТОПАТИЈА

д-р Тијана Бојчевска, Доктор по дентална медицина

Пародонтопатијата е заболување на потпорниот апарат на забот (пародонт), а неговата функција е да го држи забот прицврстен во коска. Се карактеризира со иреверзибилно оштетување и губење на потпорните ткива на забот.

Етиологија

Главни причинители за појава на пародонтопатија се денталниот плак и забниот камен. Денталниот плак е стекната наслага на забот која ја сочинуваат најголем дел колонии од бактерии кои се прикрепени на забната површина. Овие бактерии произведуваат ендотоксини кои го поткренуваат одбранбениот имун систем. Од оваа интеракција настанува воспаление, потоа ресорпција (губење на коската), појава на парадонтални џебови и губење на забите.

 Забниот камен настанува кога денталниот плак се меша со солите и минералите од плунката и цврсто се припојува за забот. Врз овие површини дополнително се создава плак а исто така забниот камен може и механични да врши притисок врз гингивата како дополнителен фактор за настанување на пародонтопатија. Други фактори за настанување на пародонтопатија се: неправилна и нередовна орална хигиена, генетика, пушење, аномалии на обликот и положбата на забите, употреба на некои лекови, некои системски заболувања, лоши протетски изработки, предвремен контакт на забите (трауматска оклузија), шкрипење на забите (бруксизам).

Клиничка слика

Првите знаци на пародонтопатија се воспаление на гингивата (т.н. гингивитис)  кое може да се забележи по благото црвенило на гингивата , наместо вообичаена бледорозова боја. Воспалението на гингивата е проследено со лесен оток и спонтано крварење кое се јавува при четкањето на забите. Доколку не се спроведе навремен и правилен третман, болеста и понатаму се развива. Во следните фази доаѓа до повлекување на гингивата, до соголување на забните корени и зголемување на преосетливоста на забите на надворешни дразби и четкање. Секако, најнепосакуваниот исход од нетретирана пародонтопатија е расклатување и опаѓање на забите.

Превенција и терапија

Добра орална хигиена и редовна посета на стоматолог. Контролни прегледи со идентификација на денталниот плак и отстранување. Отстранување на забниот камен, конкрементите и доколку се присутни парадонтални џебови се отстранува инфективната содржина. Терапијата на пародонталната болест е комплексна постапка која е индивидуална и специфична за секој пациент. Најважно е пациентот е да биде дијагностициран и да биде определен степенот на засегнатост на заболувањето. Во зависност од степенот на развој на заболувањето зависи и третманот. Третманот може да биде конзервативен, хируршки,протетски или комбинирано. Терапијата е долг процес бидејќи парадонтопатија е болест која се враќа и мора да се држи под контрола.

Share
Tweet
Linkedin
Comments

What do you think?