UNGUIS INCARNATUS – ВРАСНАТ НОКТ

д-р Андријана Трајкова, специјализант по Пластична и реконструктивна хирургија

Ризик фактори кои ги зголемуваат шансите за појава на враснат нокт:

Враснати нокти се јавуваат кај мажите и жените подеднакво. Враснатите нокти можат да бидат почеста појава кај луѓето кои имаат проблем со зголемено потење на стапалата. Повозрасните лица исто можат да бидат изложени на поголем ризик, бидејќи ноктите на нозете се згуснуваат со возраста.

  • Носење на чевли со тесен преден дел;
  • Неправилно сечење на ноктите, навика да се сечат ноктите прекратко, или сечење во форма на заоблени агли;
  • Повреда на ноктот;
  • Спортски активности кои вклучуваат трчање и удирање, што има тенденција за повреда на ноктот, т.е. балет, фудбал, кик бокс;
  • Габична инфекција;
  • Неправилно одење и лошо држење на телото;
  • Други видови на инфекции;
  • Имате дијабетес или друга состојба која предизвикува намалена циркулација во екстремитетите.
  • Лоша хигиена на ноктите, на пр. несоодветно сушење по бањање;
  • Генетска предиспозиција;
  • Адолесценција, кога стапалата имаат тенденција на зголемено потење, што ги омекнува ноктите и кожата околу нив;
  • Одредени медицински состојби.
Minolta DSC

            Симптоми

Враснатите нокти можат бидат многу болни и обично се влошуваат во фази.

Раната фаза вклучува:

  • кожата околу ноктот станува осетлива, отечена или цврста;
  • болка при притисок врз ноктот;
  • насобирање на течност околу ноктот.

Ако прстот се инфицира:

  • црвена, отечена кожа;
  • болка;
  • крварење;
  • гнојна содржина;
  • појава на вишок кожа над раната;
  • отежнато движење.

Компликации

            Компликациите можат да бидат значајни, особено кај дијабетичари. Секоја мала повреда на стапалото, посекотина, мацерирана кожа, клавус или враснат нокт, може да води кон незаздравување на раната и појава на сериозна инфекција на стапалата.

Кога да се јавите на лекар?

Посетете го вашиот матичен лекар ако: Имате силна болка, гној или воспаление на кожата, кое се шири кон околината. Имате дијабетес или друга состојба која предизвикува слаб проток на крвта во стапалата и имате рана или инфекција на стапалото.

Кои се опциите за третман на враснати нокти?

Враснатите нокти кои не се инфицирани, можат да се третираат во домашни услови но, ако ноктот има знаци за инфекција, побарајте лекарска помош. Знаци за инфекција се: топлина, црвенило и оток и појава на гној.

Домашен третман

  • Потопување на ноктите во превриена солена вода, во која има бетадински раствор, 15-20 мин, два пати на ден;
  • Користење на турпија, за отстранување на вишокот кожа и туркање на кожата надвор од ноктот;
  • по ова, соодветно сушење на стапалата и локална апликација на антибиотски спреј.

Обидете се со овој третман неколку недели, доколку нема подобрување и имате отежнато изведување на секојдневните обврски, или се појавиле знаци на инфекција, мора да се јавите на лекар.

Хируршки третман

Постојат различни видови хируршки третмани за враснати нокти. Најчесто користен е оној во кој делумно се остстранува ноктот и неговиот корен, во зафатената страна. Третманот се изведува со локална анестезија. Правилното изведување на оваа интервенција води до 98% успешност во лекувањето и спречување за повторна појава на враснатост. Постоперативниот тек бара редовни преврски и воздржување од работните активности барем десет дена по операцијата. Ноктот расте по неколку месеци со правилна форма.

Превенција

  • Сечете ги ноктите водорамно. Не ги сечете аглите, со цел да добиете заоблена форма.
  • Ако посетувате професионалец за педикир, објаснете каква форма на ноктот сакате. Ако имате состојба која го намалува протокот на крв во стапалата и не сте во можност сами да се грижите за хигиената на ноктите, редовно посетувајте салон за педикир.
  • Чувајте ги ноктите со умерена должина. Доколку ги сечете ноктите прекратко, притисокот од чевлите може да се пренесува кон коренот на ноктот, што може да го насочи кон враснување при растот.
  • Носете удобни чевли со соодветна големина. Доколку имате дијабетес подолго време, може да имате и нарушување на нервите на стапалата, па така нема да можете навремено да осетите повреда или појава на раничка. Затоа се препорачува секојдневна проверка на стапалата и интактноста на кожата.
  • Ако сте изложени на ризик од повреда на работното место, носете соодветни чевли за заштита.
Share
Tweet
Linkedin
Comments

What do you think?