2,8K Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber Глаукомот претставува заболување кое предивикува прогресивно оштетување на оптичкиот нерв, што може да доведе до траен губиток на видот доколку не се дијагностицира и лекува на време. Зборот глауком води потекло од грчкиот збор glaucous, што значи зелен, па меѓу народот и денес се употребува терминот зелена мрена, за разлика од сива мрена со која се означува старечкото перде, односно катаракта.Глобалната преваленца на глауком кај луѓето на возраст од 40 до 80 години се проценува на 3,5%. Глаукомот е релативно честа болеста, околу 1-2% од луѓето над 40 години ја имаат оваа болест. Со зголемување на животниот век се предвидува дека 111,8 милиони луѓе ќе имаат глауком во 2040 година. Може да биде засебно очно заболување, да се јави како последица на други очни болести, или пак да е вродено.Глаукомот е најчесто хронична болест, која е пратена со покачен интраокуларен притисок, иако кај некои пациенти може да се јави оштетување на оптичкиот нерв и при нормален интраокуларен притисок. Оптичкиот нерв е одговорен за пренос на визуелните информации во облик на електричен имплус до мозокот. Кај глаукомот влакната на оптичкиот нерв постепено пропаѓаат, што трајно го оштетува оптичкиот нерв и доведува до неповратно губење на видот.Причините за настанување на глауком не се во потполност познати, но како најчести ризик фактори се: постара возраст, покачен интраокуларен притисок, фамилијарна анамнеза (ако некој во фамилијата има глауком, ризикот е поголем за 4 пати), висока кратковидост, односно миопија, дијабетес, артериска хипертензија, како и долготрајна употреба на кортикостероиди.Покачениот интраокуларен притисок се смета за најчест ризик фактор и единствeн фактор на кој што може да се влијае. За окото да може да ја врши свoјата функција, во неговата внатрешност постои одреден притисок. Тој се состои од постојано создавање и истекување на очна водичка. До покачување на интраокуларниот притисок доаѓа заради зголемена продукција или намалено истекување на очната водичка. Вишокот на очната водичка врши притисок врз влакната на оптичкиот нерв, што води до нивно пропаѓање. Но, не настанува оштетување на оптичкиот нерв кај секое око што има покачен очен притисок. Дали ќе се развие глауком или не зависи од количината, односно висината на притисокот кој самиот нерв може да го издржи, а тоа е иднивидуално за секоја особа. Нормален интраокуларен притисок е од 10-21mmHg. Меѓутоа, кај дел од пациентите кои имаат оштетување на оптичкиот нерв од глауком, имаат интраокуларен притисок во граници на нормала. Тоа значи дека покачениот интраокуларен притисок треба да се зема предвид во склоп со други ризик фактори, како што е глауком кај друг член во фамилијата или некој од останатите фактори, а не самостојно.Оваа болест има многу сиромашна клиничка слика, и затоа некогаш многу доцна се открива. Првите симптоми може да бидат скоро неприметни и обично на почетокот нема болка, ниту намален вид. Кај најголем број од луѓето симптомите се појавуваат во касните фази на болеста, и тоа е причината заради која глаукомот е познат и како “тивок крадец на видот“.Први симптоми кај возрасни пациенти со глауком се појава на промени во периферниот вид, односно забележуваат стеснување на видното поле, особено во надворешниот дел и потешко препознавање на поедини обејкти (“тунелски вид“). Може да се јават и проблеми со адаптација на видот на промени на осветлувањето (на пример: при влез во тунел, или од светла во темна просторија). Исто така, некои пациенти даваат податок и на појава на “хало“ при гледање во извор на светлина. Во покасните фази доаѓа до оштетување на централниот вид заради пропаѓање на нервните влакна на оптичкиот нерв.Основната поделба на оваа болест е на глауком со отворен и глауком со затворен агол. Глаукомот со отворен агол е најчестиот вид на глауком, кој е хронично заболување кое бара доживотно следење. Додека пак, глаукомот со затворен агол, може да настане акутно и е итна медицинска состојба, која може да довдеде до слепило за само за неколку дена доколку не се намали интраокуларниот притисок. Кај овој облик на глауком може да има мачнина, повраќање, многу изразена главоболка и намален вид.Дијагнозата на глаукомот се поставува на рутиснки офталмолошки преглед, со одредување на видната острина, мерење на интраокуларниот притисок, како и испитување на видното поле. Додатно, освен целокупен клинички преглед, се прави и компјутерско снимање на очното дно, осносно оптичка кохерентна томографија на заден сегмент, за да се детектира степенот на оштетување на нервните влакна.Лекувањето на глаукомот е со цел да се намали интраокуларниот притисок до тоа ниво кое нема да предизвкува понатамошно оштетување на оптичкиот нерв. Во терапија најчесто се применуваат капки. Потребно е да се истакне дека капките не може да ги поправат веќе настанатите оштетувања во видот, но може да ја успорат или запрат прогресијата на болеста. Капките може да доведат до појава на суво око, црвеинило или зголемен раст на трепки, но тоа не смее да биде препрека за редовна примена, бидејќи тоа е единстевн начин да се зачува видот. Кога терапијата со капки не е доволно ефикасна, се применува и ласер терапија или хирушка процедура.Бидејќи глаукомот е хронична болест и не може да се излекува, со терапијата сакаме да ја успориме прогресијата. Ако се открие на време, воглавно може да се зачува видот, а со тоа и квалитетот на живот. Заболувањето е доживотно, а благовремено и соодветнолекување овозможува нормален живот со болест кој е ставена под контрола (како и со високиот крвен притисок).Ако постои одреден ризик фактор, потребно е да се вршат редовни офталмолошки прегледи, особено после 40та година од животот. Раното откривање на глауком е пресудно за успешно лекување, редовни проверки на очниот притисок се исклучително важни, бидејќи тоа е единствен начин да се открие рано оваа болест. Тоа е особено важно за оние кои имаат некој член во фамилија со глауком, кои примале кортикостеродина терапија, или пак имаат дијабетес. Според тоа, превентивните офталмолошки преглед се најзначајни за рано дијагностирање и навремено започнување со третман кај глаукомот.Информациите на веб страницата имаат само информативен карактер и не можат да се сметаат како медицински совет. Ас. Д-р Андријана ПетрушевскаСпецијалист офталмолог, ЈЗУ Универзитетска клиника за очни болести, Скопје Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber Глауком очен притисок Glaukom ochen pritisok 0 FacebookTwitterPinterestEmail Претходна статија Tелесна температура next post Базоцелуларен карцином Можеби ќе ви се допадне Bookmark PUPILOPLASTIKA мај 8, 2022