2,8K Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber 1. ВОВЕДРакот на грлото на матката претставува значајно глобално здравствено оптоварување, иако денес е познато дека ова е речиси целосно превентибилна болест. Благодарение на развојот на скрининг програмите и воведувањето на вакцинација против хуманиот папилома вирус (ХПВ), во многу земји инциденцата и смртноста од ова заболување значително се намалени. Сепак, во голем број земји, особено оние со ограничени ресурси или без организирани скрининг програми, ракот на грлото на матката и понатаму останува една од водечките причини за смрт кај жените од репродуктивна и перименопаузална возраст.Во Република Северна Македонија, според достапните податоци, годишно се дијагностицираат околу 150 нови случаи на рак на грлото на матката, а околу 59 жени годишно умираат од ова заболување. Овие бројки укажуваат на потреба од подобра едукација, редовен и организиран скрининг, подобар опфат со вакцинација и зголемена свесност и кај пациентките и кај здравствените работници.Овој документ има за цел на јасен, разбирлив, но професионално прецизен начин да им објасни на жените што претставува ракот на грлото на матката, зошто настанува, кои фактори на ризик постојат, како може да се открие навреме и кои се можностите за превенција и лекување.2. ШТО Е ГРЛОТО НА МАТКАТА?Грлото на матката (цервикс) е долниот, тесен дел на матката кој ја поврзува матката со вагината. Тоа претставува анатомски и функционален мост помеѓу внатрешните и надворешните генитални органи и има важна улога во менструалниот циклус, плодноста и бременоста.Грлото на матката се состои од два главни делови:• Ектоцервикс – надворешниот дел на грлото на матката, кој се гледа при гинеколошки преглед со спекулум. Обложен е со повеќеслоен сквамозен (плочест) епител, сличен на оној на вагината.• Ендоцервикс – внатрешниот канал кој ја поврзува маточната празнина со вагината. Обложен е со цилиндричен (жлезден) епител кој продуцира цервикална слуз.Местото каде што овие два типа епител се среќаваат се нарекува зона на трансформација. Оваа зона е особено чувствителна на хормонални промени и на дејството на ХПВ, и токму тука најчесто настануваат преканцерозните (предмалигни) промени и раните форми на карцином. Затоа, при колпоскопски и цитолошки процени, посебно внимание се посветува токму на зоната натрансформација.3. ШТО Е РАК НА ГРЛОТО НА МАТКАТА?Ракот на грлото на матката е малигно заболување при кое клетките на цервиксот се менуваат, губат контрола врз своето растење и се размножуваат неконтролирано. Овие абнормални клетки со тек на време можат да навлезат во подлабоките слоеви на ткивото и да се шират во околните органи и во други делови на телото.Во најголем број случаи, ракот на грлото на матката не се развива одеднаш, туку постепено, преку т.н. преканцерозни (предмалигни) состојби. Овие преканцерозни лезии претставуваат клеточни промени кои се уште не се рак, но ако не се следат и не се третираат, може да преминат во инвазивен карцином.Најчести хистолошки типови на рак на грлото на матката се:• Планоцелуларен (сквамозен) карцином – најчест тип, одговорен за околу 70–75% од случаите. Се развива од плочестиот епител на ектоцервиксот.• Аденокарцином – опфаќа околу 20–25% од случаите. Се развива од жлездените клетки во ендоцервиксот.Постојат и поретки типови на карцином, како што се аденосквамозен карцином, малоклеточен (невроендокрински) карцином и различни саркоми, но тие се значително поретки и најчесто се дијагностицираат во специјализирани центри.Важно е да се нагласи дека, иако се работи за малигна болест, ракот на грлото на матката е една од ретките малигни болести кај која постојат јасно дефинирани можности за рано откривање и спречување, благодарение на скринингот и вакцинацијата.4. ЕПИДЕМИОЛОГИЈАРакот на грлото на матката е четврт најчест рак кај жените во светот. Според глобалните податоци, секоја година се дијагностицираат повеќе од 660.000 нови случаи, а речиси 350.000 жени умираат од ова заболување. Најголем дел од овие случаи и смртни исходи се јавуваат во земји со низок и среден приход, каде пристапот до организиран скрининг и ХПВ вакцинација е ограничен.Во развиените земји, воведувањето на ПАП тестот и подоцна ХПВ тестирањето доведе до драматично намалување на инциденцата и морталитетот. Се проценува дека во последните неколку децении, во земјите со организирани програми, инциденцата на рак на грлото на матката е намалена за околу 75%. Овој успех е директен резултат на систематскиот скрининг и навременото откривање и третман на преканцерозните лезии.Во Република Северна Македонија, ракот на грлото на матката сè уште претставува значаен здравствен проблем. Според националните податоци, годишно се дијагностицираат околу 150 нови случаи, а приближно 59 жени годишно умираат од ова заболување. Овие бројки се повисоки во споредба со некои земји од Европската Унија, што го рефлектира недоволниот обем на организиран скрининг, ограничената достапност и искористеност на ХПВ вакцинацијата и општо пониската свесност за важноста на редовните гинеколошки прегледи.Светската здравствена организација (СЗО) постави глобална цел за елиминација на ракот на грлото на матката како јавно-здравствен проблем. Оваа стратегија подразбира постигнување на т.н. 90–70–90 цели: 90% од девојчињата да бидат вакцинирани против ХПВ до 15-годишна возраст, 70% од жените да бидат скринирани со високо-квалитетен тест најмалку двапати во животот и 90% од жените со откриени преканцерозни лезии или рак да добијат навремен и соодветен третман.5. ХУМАН ПАПИЛОМА ВИРУС (ХПВ) КАКО ПРЕДИЗВИКУВАЧХуманиот папилома вирус (ХПВ) е централниот причинител во развојот на преканцерозни промени и рак на грлото на матката. Според современите податоци, ХПВ се открива кај повеќе од 99% од сите случаи на цервикален карцином. Ова значи дека без претходна или тековна инфекција со високо-ризични типови на ХПВ, развојот на рак на грлото на матката е исклучително редок.Постојат повеќе од 150 различни типови на ХПВ, но само дел од нив се поврзуваат со малигни заболувања. Овие типови се нарекуваат високо-ризични (онкогени) типови и вклучуваат, меѓу другите, ХПВ 16, 18, 31, 33, 45, 52 и 58. ХПВ 16 и 18 се одговорни за најголем дел од случаите на рак на грлото на матката, особено ХПВ 16 кај планоцелуларните карциноми и ХПВ 18 кај аденокарциномите.ХПВ се пренесува претежно преку сексуален контакт, но заразувањето не бара задолжително пенетративен однос. Доволен е контакт кожа–кожа во гениталната област. Затоа, дури и употребата на презерватив не обезбедува 100% заштита од ХПВ, иако ја намалува веројатноста од пренос.Инфекцијата со ХПВ е исклучително честа и најчесто минлива. Кај најголемиот дел од младите жени, имунолошкиот систем успешно го елиминира вирусот во рок од една до две години, без да остави трајни последици. Проблемот настанува тогаш кога инфекцијата станува перзистентна – односно вирусот останува присутен долго време и предизвикува постепени промени во клетките на грлото на матката.Токму перзистентната инфекција со високо-ризичен ХПВ е главниот фактор за развој на преканцерозни и канцерозни лезии. Затоа современите скрининг програми сè повеќе се ориентираат кон примарен ХПВ тест, бидејќи тој директно го детектира присуството на вирусот и овозможува одделување на жените со низок ризик од оние со зголемен ризик.6. ФАКТОРИ НА РИЗИКИако ХПВ инфекцијата е неопходен предуслов за развој на рак на грлото на матката, таа сама по себе не е доволна. Постојат бројни дополнителни фактори кои влијаат на тоа дали инфекцијата ќе се елиминира спонтано или ќе стане перзистентна и ќе предизвика преканцерозни и малигни промени.Најважни фактори на ризик се:• Рана возраст на прв сексуален однос – почеток на сексуален живот пред 18-годишна возраст е поврзан со зголемен ризик за ХПВ инфекција и подоцнежен развој на преканцерозни лезии.• Повеќе сексуални партнери – зголемувањето на бројот на партнери ја зголемува веројатноста за контакт со ХПВ и други сексуално преносливи инфекции.• Партнер со ризично сексуално однесување – ако партнерот има повеќе партнери или историја на СПИ, ризикот за ХПВ инфекција кај жената е поголем.• Имуносупресија – жени со ХИВ инфекција или на терапија која го потиснува имунитетот (на пр. по трансплантација) имаат поголема веројатност да развијат перзистентна ХПВ инфекција и преканцерози.• Пушење – кај активните пушачи почесто се јавуваат сквамозни карциноми. Се смета дека токсичните материи од цигарите се акумулираат во цервикалната слуз и дополнително го оштетуваат епителот.• Долготрајна употреба на хормонални контрацептиви – некои студии покажуваат дека повеќегодишната употреба на комбинирани орални контрацептиви е поврзана со малку зголемен ризик за развој на цервикален карцином.• Ниско социо-економско ниво – жените кои живеат во сиромашни средини имаат помал пристап до гинеколошка грижа, помалку редовен скрининг и помалку информации за превенција.• Чести породувања – се претпоставува дека честите бремености и породувања можат да ја зголемат изложеноста на цервиксот на хормонални и механички влијанија кои се поврзуваат со ризик.7. КАКО НАСТАНУВА РАКОТ? (ПАТОГЕНЕЗА)Развојот на рак на грлото на матката е долг и постепен процес, кој може да трае и повеќе од десет години. Овој процес вклучува неколку фази:1. Почетна инфекција со ХПВ – вирусот влегува во клетките на зоната на трансформација, обично преку мали микротравми кои се јавуваат при сексуален однос.2. Перзистирање на инфекцијата – наместо вирусот да биде елиминиран од имунолошкиот систем, тој останува присутен и започнува да ги менува регулаторните механизми во клетките.3. Развој на преканцерозни промени – со тек на време, клетките почнуваат да покажуваат абнормален раст и изглед, што се класифицира како цервикална интраепителна неоплазија (CIN 1, 2 или 3).4. Преод во инвазивен карцином – кога абнормалните клетки ја пробиваат базалната мембрана и навлегуваат во подлабоките слоеви на ткивото, зборуваме за инвазивен рак. Ова постепено преминување од нормален епител во преканцероза и потоа во карцином е причината поради која скринингот е толку успешен: со откривање и лекување на преканцерозите, може да се спречи развојот на рак кај голем број жени.8. ПРЕКАНЦЕРОЗНИ ЛЕЗИИ (CIN)Преканцерозните промени на грлото на матката се групираат под терминот цервикална интраепителна неоплазија (CIN). Овие промени се класифицираат во три степени, според степенот на абнормалност и длабочината на зафатеност на епителот:• CIN 1 – лесни промени кои ја зафаќаат само долната третина од епителот. Најчесто се поврзуваат со свежи ХПВ инфекции и во голем процент спонтано регресираат без третман.• CIN 2 – промени со умерен степен кои ја зафаќаат долната половина до две третини од дебелината на епителот. Овие лезии имаат поголем ризик за прогресија ако не се следат и не се третираат.• CIN 3 – тешки промени кои ја зафаќаат скоро целата дебелина на епителот. Се сметаат за високостепена преканцероза и имаат значителен ризик за прогресија во инвазивен карцином ако не се лекуваат.Овие промени вообичаено не предизвикуваат симптоми и најчесто се откриваат при рутински скрининг. Од овие причини, редовниот скрининг е од клучно значење за навремено откривање и спречување на рак на грлото на матката.9. СИМПТОМИ НА РАКОТ НА ГРЛОТО НА МАТКАТАВо раните фази, кога промените се ограничени на епителот или ракоти е мал, често воопшто нема симптоми. Ова е една од главните причини зошто ракот на грлото на матката не треба да се чека да „даде симптоми“, туку треба да се бара активно преку скрининг.Кога болеста ќе напредува, може да се јават следниве симптоми:• Абнормално вагинално крварење – крварење помеѓу менструалните циклуси, по сексуален однос или по менопауза.• Посткоитално крварење – крварење после сексуален однос е чест и типичен симптом за цервикална лезија.• Воденкаст, понекогаш крвав или непријатно миризлив исцедок.• Болка во долниот дел на стомакот или во карлицата.• Болка при сексуален однос.Во понапреднати стадиуми може да се јават и симптоми како: болки во крстот и нозете, оток на нозете, потешкотии при мокрење или празнење на цревата, па дури и појава на фистули (патолошки врски) помеѓу вагината и мочниот меур или цревата. Овие симптоми, сепак, обично се поврзани со покасни фази на болеста.Заклучок:Знаењето е првиот чекор кон превенција!!!Ракот на грлото на матката најчесто не почнува со симптоми, но секогаш почнувасо можност за превенција. Разбирањето на ХПВ, ризиците и начинот нанастанување на болеста им овозможува на жените да донесуваат информираниодлуки за сопственото здравје.Информациите на веб страницата имаат само информативен карактер и не можат да се сметаат како медицински совет. Д-р Ајла ШабаниСпецијалист гинеколог ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber рак на грло на матка ХПВ Rak na grlo na matka HPV 0 FacebookTwitterPinterestEmail Претходна статија Мигрена – хронично невролошко нарушување next post Брадикардија: Кога бавниот срцев ритам станува проблем? Можеби ќе ви се допадне Bookmark Женска ќелавост декември 4, 2025 Bookmark Природни лекови за утринска мачнина во бременост ноември 30, 2025 Bookmark Болка во грбот за време на бременоста ноември 25, 2025 Bookmark Како хормонската терапија влијае на здравјето на срцето... ноември 19, 2025 Bookmark ПРОШИРЕНИ (ВАРИКОЗНИ) ВЕНИ декември 19, 2022 Bookmark НИМФОМАНИЈА декември 7, 2022 Bookmark ЧЕСТИ ИНФЕКЦИИ ВО ТЕКОТ НА БРЕМЕНОСТА декември 5, 2022 Bookmark МИОМИ – ПРИЧИНИ ЗА НАСТАНОК И ЛЕКУВАЊЕ декември 5, 2022 Bookmark FIBROADENOM DOJKE мај 8, 2022 Bookmark КАМЕН ВО БУБРЕЗИТЕ (НЕФРОЛИТИЈАЗА) мај 8, 2022