1,5K Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber Туберкулозата (ТБ) претставува една од најстарите, но и натаму најраспространети заразни болести во светот. Иако веќе повеќе од еден век медицината располага со знаење за причинителот на болеста – бактеријата Mycobacterium tuberculosis, туберкулозата и денес останува значаен јавноздравствен предизвик. Болеста најчесто ги зафаќа белите дробови, но може да се прошири и во други органи како на пример: лимфни жлезди, коски, бубрези ,мозочни обвивки итн. Туберкулозата е излечива болест, но раното препознавање и примената на соодветна терапија остануваат најважните фактори за успешното лекување.Историски гледано, туберкулозата се спомнува уште во древните цивилизации. Во 19-тиот век била една од водечките причини за смрт ширум Европа, и често била нарекувана „консумација“ поради постепеното слабеење што го предизвикуала кај пациентот. Откритието на Роберт Кох во 1882 година, кога ја пронашол бактеријата што ја предизвикува туберкулозата, претставувало вистински пресврт во медицината. Со појавата на антибиотиците во средината на 20-тиот век, лекувањето станало многу поуспешно, и надежта дека болеста може да се победи станала реална. Сепак, туберкулозата сè уште не е минато: социјалните услови, миграцијата и појавата на отпорни соеви на бактеријата ја прават оваа болест сè уште присутна во светот.Туберкулозата се пренесува преку воздухот. Кога лице со активна ТБ кашла, кива или зборува, во воздухот се испуштаат ситни капки кои ја содржат бактеријата. Ризикот од заразување е поголем при подолг престој во затворени простории со слаба проветреност. Важно е да се потенцира дека туберкулозата не се пренесува преку ракување, предмети, храна или вода.Симптомите на активна пулмонална туберкулоза обично се појавуваат постепено, па често не се забележуваат веднаш. Најчесто се: кашлица што трае повеќе од три недели, чувство на замор и општа слабост, намален апетит и губење на тежина, покачена температура, ноќно потење, а понекогаш и изкашлување крв.Постојат и луѓе кои носат латентна ТБ – бактеријата е присутна, но болеста мирно „спие“. Тие немаат никакви симптоми и не можат да ја заразат околината, но важно е да се знае дека инфекцијата може да стане активна ако имунитетот ослабне.Сепак, оваа „тиха“ инфекција не треба да се потцени. Ако имунитетот ослабне, бактеријата може да се разбуди и да предизвика вистинска болест.Дијагностиката на туберкулоза се заснова на комбинација на преглед, рентген на граден кош и лабораториски тестови. Најважни се микробиолошките анализи на примерок од спутум, со кои директно се открива присуството на Mycobacterium tuberculosis. Во современата дијагностика значајна улога има тестот GeneXpert, кој со помош на молекуларна метода (PCR) за кратко време ја детектира бактеријата . Дополнително, културите на подлога претставуваат златен стандард за потврда на туберкулозата. Иако нивното растење трае подолго (неколку недели), културите се неопходни за целосна анализа, вклучително и за тестирање на чувствителност кон повеќе антибиотици. Кожниот тест Манту и тестовите за имунолошка реакција служат за откривање на латентна инфекција.Превенцијата е темел на контролата на туберкулозата. БЦГ вакцината, која се дава во раното детство, обезбедува заштита од најтешките форми на болеста кај децата. Раното препознавање на симптомите и навременото јавување на лекар остануваат најважните мерки за возрасните. Лицата со дијагностицирана туберкулоза мора доследно да ја следат пропишаната терапија, бидејќи прекинувањето на лековите може да доведе до развој на отпорни бактериски соеви, кои се многу потешки за лекување. Дополнителни превентивни мерки вклучуваат добра вентилација на затворени простории, очување на општото здравје и редовни прегледи кај лицата кои биле во близок контакт со заболени.Иако туберкулозата понекогаш се смета за „болест од минатото“, вистината е дека таа и понатаму постои и бара внимание. Со информираност, одговорно однесување и навремено лекување, оваа болест може успешно да се контролира. Свесноста кај населението и доследноста во јавноздравствените мерки се клуч за намалување на ширењето на туберкулозата и заштита на здравјето на заедницата. д-р Никола ЧамуровскиСпецијалист пулмолог алерголог ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје Добивај ги најважните вести бесплатно на Viber Tberkuloza TBC tuberkulin beli drobovi 0 FacebookTwitterPinterestEmail Претходна статија Калпротектин – дијагностички потенцијал кај воспалителни заболувања на цревата next post uACR биомаркер: κлиничко и дијагностичко значење Можеби ќе ви се допадне Bookmark Аерозагадување ноември 20, 2025 Bookmark ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ И СОВЕТИ ЗА АЛЕРГИИ декември 24, 2022 Bookmark ХРОНИЧЕН БРОНХИТ мај 8, 2022